Белгиската компанија „Ван Хол“ во индустриската зона - Скопје 2 денеска ја отвори втората фабрика во економската зона „Бунарџик“ со што компанијата го најави проширувањето на производствената линија, пласман и на европскиот пазар и зголемување на бројот на вработените од сегашните 430 на 600. Досега се инвестирани 25 милиони евра, а во фабриката на површина од 37.000 квадратни метри моментно се вработени 430 лица. Се очекува во наредниот период бројката да достигне 600. Производството веќе тече активно и досега се произведени вкупно 140 автобуси, околу сто се извезени во САД, а во фаза на производство се уште 70, рече премиерот Никола Груевски, додавајќи дека со „Ван Хол“ во Македонија се враќа традицијата на автобуската индустрија, се отвораат нови работни места и се испраќаат позитивни пораки до другите инвеститори.
Белгиската компанија „Ван Хол“ во индустриската зона - Скопје 2 денеска ја отвори втората фабрика во економската зона „Бунарџик“ со што компанијата го најави проширувањето на производствената линија, пласман и на европскиот пазар и зголемување на бројот на вработените од сегашните 430 на 600.
„Досега се инвестирани 25 милиони евра, а во фабриката на површина од 37.000 квадратни метри моментно се вработени 430 лица. Се очекува во наредниот период бројката да достигне 600. Производството веќе тече активно и досега се произведени вкупно 140 автобуси, околу сто се извезени во САД, а во фаза на производство се уште 70“, рече премиерот Никола Груевски, додавајќи дека со „Ван Хол“ во Македонија се враќа традицијата на автобуската индустрија, се отвораат нови работни места и се испраќаат позитивни пораки до другите инвеститори. Според Груевски, поради зголемениот број на инвестиции и нови фабрики, се очекува годинава да имаме уште подобри резултати од ланскиот, трет најголем раст на БДП во Европа. Овие очекувања се темелат и на зголемениот извоз од 17 проценти во првиот квартал годинава, кој е резултат токму на работењето во зоните, каде што производството постојано расте.
Извршниот директор и сопственик на „Ван Хол“, Филип ван Хол, истакна дека успеале да ја изградат фабриката за само една година.
„Почнавме со производство и веќе испорачавме 140 возила, ангажиравме 430 вработени и потпишавме договори со повеќе компании. Ова е само почеток, со оглед дека во последниот квартал од годинава ќе почнеме со производство на ново возило за европскиот пазар што ќе донесе нови 140 вработувања“, нагласи Ван Хол.
„’Ван Хол’ е врвен бренд на автобуси, во кој уживаат многубројни патници низ Америка, најмногу фирми како „Дизни“, „Фејсбук“, „Гугл“, и многубројни туристички оператори. Вработените во Скопје, кои во блиска иднина ќе бидат придружени од многубројни партнери и кооперанти од Македонија, се гордост на терминот ’Произведено во Македонија’“, истакна министерот за странски инвестиции, Веле Самак, кој од 2009 година ги водеше преговорите со „Ван Хол“ за инвестирање во земјава.
Инаку, компанијата почна со работа во Македонија во јули минатата година, откако во 2012 година беше потпишан договор со Владата за инвестиција од 20 милиони евра во индустриската развојна зона - Скопје 1. Тоа е прва фабрика од зоните каде што се произведува готов производ под брендот „Произведено во Македонија“.
„Ван Хол“ е семејна компанија од Белгија, формирана во 1947 година. Се занимава со производство на градски и меѓуградски автобуси, како и индустриски возила. Фирмата има над 4.500 вработени и годишно произведува над 1.700 автобуси и повеќе од 5.000 приколки, остварува преку 450 милиони евра годишен обрт, а над 80 отсто од производството е наменето за извоз.